
Откриено зошто романскиот судија бараше автограм од Халанд (ФОТО)
Многумина побрзаа да го осудат Романецот Октавијан Совре за овој несекојдневен потег. Сепак, судијата имал благородна мисија. Побарал од младиот Норвежанец да му ги потпише картоните, кои се наменети за аукција. Собраните средства ќе бидат донација за центар за рехабилитација за деца кои имаат аутизам.
Се работи за центарот СОС Аутизам Бихор, кој исклучиво функционира со помош на донации. Овој потег на судијата Совре го потврдија и од Романската фудбалска федерација, пренесува „Ројтерс“.
„Црвениот и жолтиот картон кои беа донирани од мојот пријател Октавијан за нашиот СОС Аутизам Бихор ќе бидат искористени за благородна цел“, изјави управителката на центарот, Симона Зибут за „Ројтерс“.
„Државата мене ми дава помош од 120 евра за мојата ќерка, која исто така има аутизам. Можете само да замислите само што можам да направам со оваа сума. Ние и останатите родители на децата се потпираме на донации и затоа често правиме аукција за многу работи со цел да собереме што е можно повеќе средства и да го надополниме она што ни недостига“, додаде Зибут.