
Меси, Кеси, Гундоган, Мартинез: Четири години Барса страда поради финансиските проблеми
Веќе четири години каталонскиот клуб мака мачи како да излезе од финансиските проблеми кои ги предизвика претходното раководство, но ова не успева да ги среди. Трофеите освоени во 2023 и оваа година делумно ги покрија маките на Барселона, но секое лето клубот се бори со еден куп предивици.
Поради финансиските проблеми во 2021 година, Барса на крајно аматерски начин го загуби најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси кој не можеше да потпише нов договор иако се согласи да игра и за минимална сума. Такво нешто не им се случува и на анонимуси во европскиот фудбал, а Барса сепак дозволи да остане без најдобриот што некогаш го играл овој спорт.
Маката со Меси не беше единствена, всушност барем по еден играч си заминува(ше) секое лето на сличен начин. Следната година клубот немаше пари да го задржи Пјер Емерик Обамејанг и покрај тоа што тој одлично се снајде во екипата и го продаде на Челси. Во 2023 година, непосредно по освојувањето на шампионската титула, мораше да си оди Френк Кеси, еден од најзаслужните за тој трофеј, лани Барса се откажа од Илкај Гундоган, а летово од Ињиго Мартинез. Баскискиот ветеран имаше клаузула во договорот според која можеше да се пресели во Саудиска Арабија ако стигне понуда, но сето тоа одлично ѝ дојде на Барса која не се ни обиде да го премисли затоа што во буџетот ќе се отворат десетина милиони евра.
Сето ова е проследено и со проблеми со регистрации на фудбалерите. Лани Дани Олмо и Пау Виктор не можеа да бидат регистрирани до почетокот на првенството затоа што клубот не беше прилагоден на финансискиот ферплеј, па заминувањето на Гундоган ја спаси ситуацијата. Сега се повторува истата приказна, седуммина фудбалери чекаат да бидат регистрирани, а до почетокот на новата сезона има уште една недела.