
Стартуваат прволигашите: Шкендија ја брани титулата, Вардар сака да се врати на тронот!
Шкендија ќе ја има улогата на бранител на трофејот, тетовскиот тим ќе мора да се навикне и на фактот што во есенскиот дел од сезоната ќе се бори на два фронта, дома и во Европа.
Густиот распоред на Шкендија ќе се обиде да го искористи Вардар кој има амбиција да се врати на тронот по подолго време.
Интересна ќе биде и борбата за опстанок, поради кратењето на лигата од идната сезона, во оваа директно испаѓаат дури три екипи, а две играат бараж. Тоа гарантира максимална ангажираност на сите екипи до самиот крај од сезоната, некои ќе водат битка за излез во Европа, други ќе се борат да го зачуваат прволигашкиот статус.
Токму актуелниот шампион Шкендија ја отвора сезоната, тие во Тетово од 17 часот го пречекуваат Шкупи, тоа ќе биде првиот меч на програмата од првото коло.
Три часа подоцна на Градски во Скопје се игра вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер.
Утре се играат два натпревари во терминот од 17:30 часот, во Куманово пресметка меѓу двата нови прволигаши Башкими и Арсими, а Струга ќе ја пречека екипата на Македонија Ѓорче Петров.
Во недела од 17:30 часот фудбал ќе има во Кавадарци, Тиквеш е домаќин на Работнички, а првото коло ќе биде комплетирано во понеделник кога исто така од 17:30 часот Силекс ќе ја пречека екипата на Брера.
Новата сезона носи неколку новини. Првпат во македонската лига ќе има ВАР технологија, конечно и ние почнуваме да го пратиме современиот тек на фудбалот кој одамна е присутен во регионот.
Новина е и тоа што сите натпревари од Првата македонска фудбалска лига оваа сезона ќе бидат пренесувани на телевизија, правата ги имаат МТВ и Арена.
1. коло
петок
Шкендија – Шкупи 17:00
Вардар – Пелистер 20:00
сабота
Башкими – Арсими 17:30
Струга – Македонија ЃП 17:30
недела
Тиквеш – Работнички 17:30
понеделник
Силекс – Брера 17:30