
Николов ќе навива за „својата“ Стеауа во пресметката со Шкендија во Скопје!
Нашиот фудбалер има долги конекции со клубот од Букурешт и романскиот фудбал воопшто. Потекна од Академијата на Георге Хаџи, три години беше член на Виторул Констанца, а во сезоната 2022/23 го носеше дресот на ФЦСБ. Во клубот се уште има многу пријатели, па дојде да ги поздрави и да ги поддржи пред вечерашниот натпревар против Шкендија, во квалификациите за Лигата на шампионите.
„Убаво е да видам познати лица, навистина сум среќен бидејќи играв со некои од нив кои и денес се во клубот. Ми недостасува Романија, таму поминав шест години и секогаш кога имав можност, доаѓав. Имам многу пријатели со кои постојано сум во контакт.
Им посакувам успех на натпреварот со Шкендија, мислам дека ќе победат. Иако Шкендија е македонски клуб, јас навивам за мојот поранешен тим и вечерва ќе бидам на стадион за да навивам за него. Шкендија е добра, но ФЦСБ е ниво погоре и ако играат како минатата сезона, сигурно ќе поминат понатаму. Искрено, јас не ја гледам многу Шкендија бидејќи сум навивач на Вардар. Шкендија е од Тетово и нивниот стадион се уште е во фаза на изградба, па затоа играат во Скопје. Очекувам на натпреварот да има околу 3-4.000 нивни навивачи“, порача Николов за романските медиуми.
Македонскиот репрезентативец моментно е без клуб откако по завршувањето на минатата сезона ја заврши соработката со Борац Бања Лука.