Капитенот на Барса шокира - замина во пензија на 31 година!

Капитенот на кошаркарскиот клуб на Барселона, Алекс Абринес реши да се збогува со спортот, оваа одлука е шокантна затоа што тој има само 31 година.

Долгогодишниот шпански репрезентативец и капитен на Барселона од минатата сезона, Алекс Абринес ја шокираше тамошната спортска јавност со одлуката да објави крај на кариерата.

Абринес кој во август ќе наполни 32 години се одлучи да стави крај на кариерата и покрај тоа што уште е млад, а имаше и уште една година од актуелниот договор со Барселона.

Тој беше член на Барса од 2019 година, а претходно во овој клуб настапуваше и од 2012 до 2016 година. Во меѓувреме имаше и тригодишна авантура во НБА, во тимот на Оклахома каде сепак не остави некој забележителен траг.

„Дојде време за збогум. По интензивниот професионален живот во кој минав низ разни фази, дојде време да живеам како што сакам, да го бирам сопствениот пат. Тоа значи дека ќе поминувам повеќе време со семејството и саканите. Кошарката, особено Барселона ми даде се. По повеќегодишна професионална кариера решив да се повлечам. Не беше лесно, долго размислував за одлуката“, е дел од пораката на Абринес која ја пренесе преку социјалните мрежи.