Лазаров: Горд сум што и сезонава ќе го продолжиме – македонскиот концепт!

Екипата на Алкалоид деновиве ги почна на подготовките за новата сезона, на кои стратегот Кирил Лазаров ќе располага со ростер од 23 ракометари.

Првата прозивка се одржа во салата „Автокоманда“, каде што тренерот изрази задоволство од атмосферата и ангажманот на играчите. Тој повторно го нагласи својот став за континуираниот развој на клубот преку јасна и постепена стратегија, без големи ризици и импровизации. Најголем акцент стави на тоа дека Алкалоид и во новата сезона ќе го задржи македонскиот концепт, нешто што според него е особено важно за иднината на клубот и развојот на домашниот ракомет.

„Целата стратегија на Алкалоид и поставеноста на клубот е од година в година да се прави чекор понапред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме со истиот македонски концепт. Позитивен сум од она што го имаме во моментов и со кое располагаме за сезоната“, изјави Лазаров.

„Фармацевтите“ во новата сезона повторно влегуваат со амбиции да се вмешаат во битката за домашните трофеи, но и за чудо во квалификацискиот двомеч со германски Хановер, кое би значело пласман во групната фаза од Европската лига.