Еден од хероите од Литванија во стручниот штаб на ривалот на Пелистер

Македонскиот прволигаш Пелистер во септември го очекува настап во квалификациите за ФИБА Лигата на шампионите, а прв ривал ќе му биде италијанскиот прволигаш Реџана од Реџо Емилија.

Освен што со овој клуб е поврзан некогашниот селектор на македонската репрезентација Заре Марковски, сегашен дел од него е поранешен член на стручниот штаб на нашиот национален тим. Станува збор за кондицискиот тренер Сандро Бенкардино кој имаше огромен придонес во освојувањето на историското четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.

Бенкардино е еден од најпочитуваните кондициски тренери во Италија и досега работел во неколку тамошни гиганти, меѓу кои и поранешниот шампион Монтепаски Сиена и актуелниот Виртус Болоња. Во Реџана е од пред две години кога екипата ја презеде сегашниот тренер Димитрис Прифтис, а во клубот е практично дома бидејќи е роден во Реџо Емилија.

За важноста на Бенкардино за успесите на македонската репрезентација на Еуробаскетот во Литванија, сведочат сите кои беа инволвирани во тој процес, од селекторот Марин Докузовски, до кошаркарите кои на првенството заминаа максимално подготвени.