Милевски му го „потпиша“ отказот на ерменскиот селектор

Украинскиот стручњак Александар Петраков вечерва доби отказ од селекторската функција во репрезентацијата на Ерменија откако неговата селекција доживеа убедлив пораз од Македонија во четвртото коло од Лигата на нации.

Со денешниот резултат Ерменија ги загуби шансите за првото место на табелата бидејќи претрпе порази во двата меча против Македонија, а разликата меѓу овие две селекции изнесува шест бода. Тоа е и трет неуспех на Ерменците во низа бидејќи покрај двата пораза од Македонија, пред три дена одиграа нерешено со Фарски Острови.

Петраков беше назначен за селектор на Ерменија на 14 јануари 2023 година. Репрезентацијата ја водеше на 18 натпревари, но оствари само четири победи, со четири нерешени резултати и 10 порази.