Милевски: Имаме одличен дух, ме радува тоа што не примивме гол на три меча по ред

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски не го криеше своето воодушевување од играта и триумфот на гостувањето кај Ерменија, главниот ривал за првото место во групата.

На двата меча против оваа селекција, Македонија не прими ниеден гол, а такво нешто не се случи на трите последни меча во Лигата на нации. Тоа е еден од најважните елементи кои го прават среќен селекторот во пресрет на дуелите во ноември.

„Иако Ерменија имаше свои моменти, сметам дека Македонија заслужено победи. Можеби Ерменија беше поактивна во првиот дел, но немаше премногу шанси. Ние ги корегиравме нашите линии на полувремето и во продолжението бевме подобар противник. Ме радува фактот што по моменти на конфузност и нервоза при посед на топка во првиот дел, се вративме на најдобар можен начин. Тимот беше тука да ги корегира грешките на индивидуалците. Полека се доближуваме до целта да изградиме група на добри личности и одлични фудбалери.

Со своите настапи во репрезентацијата нашите фудбалери испраќаат пораки и до своите тренери во клубовите. Некои тренери не можат и не сакаат да ги видат нивните квалитети. Девет од единаесет фудбалери не играат во континуитет во своите клубови и пак играат два натпревари во четири дена. Ме радува тоа што не примивме гол на три натпревари по ред и што имаме одличен дух и помагање меѓусебе. Победата ја посветувам на мојот тим, на стручниот штаб, на федерацијата за логистиката во цел овој период“, рече Милевски по натпреварот во Ереван.