Нема опуштање: Две победи и во ноември може да значат - плејоф за СП!

Македонија со победата над Ерменија направи крупен чекор кон дивизијата-Б од Лигата на нации, но тоа не е единствената придобивка од првото место во групата, особено ако го оствариме со добар скор.

На Македонија и остануваат уште два натпревари од Лигата на нации, во ноември ги пречекуваме Летонија и Фарски Острови. Потребен ни е еден триумф за да го завериме првото место, треба да се случи невидено чудо за да не го оствариме тоа.

Освојувањето на првото место значи дека во следното издание од Лигата на нации ќе играме во Б-дизвијата каде што има многу поквалитетни селекции. 

Но, првото место може да не однесе и во плејоф за пласман на Светското првенство 2026 година.

Четири селекции од Лигата на нации ќе влезат во плејофот во кој ќе играат заедно со 12 второпласирани репрезентации од квалификациите за СП.

Иако е уште рано да се прават калкулации, Македонија со победи во ноемвриските мечеви против Фарски Острови и Летонија ќе има големи шанси да биде една од тие четири селекции кои ќе играат во плеј-офот.