Халанд и Норвешка демолирани во Австрија (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Норвешка, предводена од Ерлинг Халанд, доживеа тежок дебакл откако вечерва загуби на гостувањето во Австрија со 1-5.

Тоа е највисок триумф за Австријците и најтежок пораз за Норвежаните откако се натпреваруваат во Лигата на нации. Не изгледаше така по првото полувреме кое заврши нерешено (1-1) по головите на Арнаутовиќ и Сорлот.

Сепак, во период од 13 минути во вториот дел Австрија постигна три гола, по еден преки Арнаутовиќ, Линхарт и Пош, а точка стави Грегорич во 71. минута. Ерлинг Халанд беше речиси незабележлив, три дена откако стана најдобар стрелец во историјата на норвешката репрезентација.

Грција продолжи со одличните настапи и ја совлада Ирска на домашен терен со 2-0 со што го задржа максималниот ефект во Лигата на нации. Двата гола беа постигнати во второто полувреме, првиот преку Бакасетас во 48., а вториот Манталос во 92. минута.