Синер го мачи Ѓоковиќ како никој во последните 11 години

Јаник Синер на резултатски план има фантастична година која сигурно ќе ја заврши на првото место на АТП листата, но има и уште една причина да биде задоволен и горд на себе оваа сезона.

Тој е прв тенисер по пауза од 11 години кој успеал да го победи Новак Ѓоковиќ на три меѓусебни дуели по ред. На крајот од 2023 година го совлада во полуфиналето од Дејвис купот, во јануари славеше во полуфиналето од Австралија Опен и денеска во финалето од Мастерсот во Шангај.

Последен кому му успеало такво нешто е Рафаел Надал кој имаше хет-трик победи против Ѓоковиќ во 2013 година. Шпанецот имаше пет серии од по три или повеќе победи во дуелите со својот голем ривал, во 2008 и 2009 го победи пет пати по ред, а во 2007, 2008, 2012 и 2013 славеше по три меча во низа.

Со серии од по три победи против Ѓоковиќ можат да се пофалат уште Роџер Федерер, Енди Родик, Енди Мареј и Жо Вилфред Цонга.