
Крај на проклетството - Челси победи шпанска екипа и ја комплетира колекцијата трофеи на УЕФА (ВИДЕО)
Последен кој тоа го направи беше Ливерпул кој во 2001 година го совлада Алавес со 5-4 во драматичното финале од Купот на УЕФА. Оттогаш екипи од овие две земји девет пати играа дуели за титули и секогаш победуваа Шпанците.
Се до вечерва кога Челси ја прекина таа лоша серија и беше подобар од Бетис со 4-1, благодарение на рапсодијата во второто полувреме, поточно во последните 25 минути во кои ги постигна сите четири гола. Тимот од Севиља водеше по првиот дел, по голот на Езалзули на фантастичната асистенција на Иско, но во продолжение се се сврте на страната на Челси.
Езалзули, кој беше еден од најдобрите играчи на Бетис, мораше да го напушти теренот во 53. минута поради повреда, а десетина минути подоцна неговиот тим целосно колабираше. Во период од пет минути, меѓу 65. и 70., Палмер им асистираше на Фернандез и Џексон за пресврт и водство од 2-1, Санчо во 83. минута постигна прекрасен гол, а во судиското продолжение Каиседо стави точка на уште една историска ноќ на Челси.
„Сините“ не само што го прекинаа проклетството во дуелите со шпанските дуели, туку Челси сега е прв клуб во историјата што може да се пофали дека има пехар од сите натпреварувања на УЕФА. Освои по два во Лигата на шампионите, Лигата Европа (порано го носеше името Куп на УЕФА), Купот на победниците на куповите и Суперкупот на УЕФА, а од вечерва го има и од Конференциската лига. Шест од овие девет трофеи дојдоа во последните 13 години. Бетис не успеа да дојде до својот прв европски триумф во историјата.
фото: EPA PHOTO