
Интер се надева на реприза од 2010 година, но Барселона е фаворит на „Монжуик“
Овие екипи се соочија пред 15 години во истата фаза од натпреварувањето, а тогаш Интер предводен од Жозе Мурињо ја елиминира Барселона и го освои пехарот, односно ја комплетира тројната круна и имаше една од најдобрите сезони во клупската историја.
Интер, сега предводен од Симоне Инзаги, се надева на реприза од 2010 година и победа против Барселона, која делува одлично на теренот и игра модерен и ефикасен фудбал под водство на германскиот стратег Ханси Флик.
Каталонскиот гигант постигна дури 37 голови во елитното натпреварување, а оваа сезона на домашен терен има дури пет победи и едно реми со дури 21 погодок, што го прави апсолутен фаворит против калчолигашот, кој во изминатиот период влезе во резултатска криза.
Barcelona 🆚 Inter
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) April 30, 2025
What will happen in 3 words? 👇#UCL pic.twitter.com/MyBSeHVJMV
„Нераѕурите“ беа во трка за тројната круна, но загубија од Милан во Купот на Италија, а потоа следеа порази во домашниот шампионат, со што останаа зад лидерот Наполи и сега ќе се обидат да го поправат впечатокот против Барселона, но дефинитивно ги чека пеколна мисија на „Монжуик“.
„Никој не може да ги избрише нашите резултати во изминатиот период, иако минатата недела се соочивме со мала криза. Требаше да одиграме подобро на последните три меча. Тука сме по една лоша недела за нас. Барселона е офанзивна екипа кој постигнува многу голови, ние имаме почит кон нив, но не се плашиме“, кажа тренерот на Интер.
Флик, од друга страна, е полн со самодоверба пред денешната средба против Интер откако неодамна го нокаутира Реал Мадрид во шпанскиот Куп.
„Мечот против Реал е зад нас, но тоа ни дава дополнителна мотивација. Фокусирани сме на дуелот со Интер. Мора да се потрудиме за да обезбедиме финале и меч за титула. Сигурен сум дека моите играчи ќе дадат сè од себе“, посочи Флик.
Натпреварот меѓу Барселона и Интер се игра вечерва од 21 часот на „Монжуик“, додека реваншот е закажан за 6 мај на „Џузепе Меаца“.
Фото: Youtube/TalkFCB