Главчев: Ветувам транспарентност и подавам рака за подобро утре на кошарката!

Новиот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Томе Главчев, најави сериозни реформи и транспарентност во своето делување, со фокус на развојот на македонската кошарка на сите нивоа.

Иако не бил дел од почетната иницијатива за промени, Главчев истакна дека ќе соработува со луѓето кои ја започнаа оваа промена.

„Не бев од почетокот вклучен во оваа иницијатива за промени, но луѓето кои истрчаа се во минатото ќе бидат дел од мојот тим“, истакна Главчев, притоа изразувајќи благодарност до Младен Ѓуроски за неговата улога во иницијативата.

Како прв приоритет го посочи успешното завршување на тековната сезона, по што ќе следува поширока анализа и стратегиско планирање.

„Прва цел ни е финиширање на првенството, а потоа ќе седнеме на маса да ги утврдиме насоките на делување со цел да се подобри македонската кошарка“.

Главчев најави и дека ќе ја започне својата работа со теренски посети низ државата.

„Почетокот од мојата работа ќе биде посета на сите места во Македонија каде што се игра кошарка или се планира да се игра овој спорт“.

Младинските категории и женската кошарка ќе бидат високо на агендата на новото раководство.

„Сакам сериозно да обрнам внимание на женската кошарка, за нејзино популаризирање пред сè“, рече Главчев.

Во насока на подобрување на системот, најави анализа на натпреварувачкиот модел, како и отворен дијалог со клубовите.

„Сериозно размислуваме во овој правец, но одлуките ќе ги носиме заедно со клубовите“.

Тој најави и иницијатива за олеснување на постапките за престој на странските кошаркари, во соработка со институциите, како и консултации за бројот на странци во Првите лиги. Во меѓународната сфера, Главчев посочи дека ќе продолжи и ќе ја продлабочи соработката со ФИБА.

„Максимално ќе ги продолжиме активностите за соработка со ФИБА и нејзините институции“.

На крајот, Главчев упати порака до кошаркарската јавност.

„Ви ја подавам раката, но очекувам и вие дека ќе ја подадете за подобро утре на кошарката“, заврши новиот предводник на макбаскетот.