„Вратете ни го Синер – од Ѓоковиќ веќе никој не се плаши!“

Францускиот новинар, Беноа Мејлин, смета дека светскиот тенис се наоѓа во криза поради отсуството на италијанскиот тенисер Јаник Синер, кој наскоро ќе се врати на теренот на Мастерсот во Рим.

Според него, светскиот тенис има потреба од лидер, а Италијанецот е идеалниот кандидат за таа улога. Синер не настапуваше речиси три месеци, откако доби суспензија поради користење на забранетата супстанца клостабол.

„Вратете ни го Синер, допингиран, невин, каков и да е. Тенисот страда без него. Помош им е потребна на Рубљов и Циципас, кои доживеаја пад и сега се 17. и 18. на светската ранг-листа. Ѓоковиќ е како дух од кој никој повеќе не се плаши. Алкарас осцилира – од тоа да освојува сè до тоа да се повлекува. Него го јаде притисокот, а неговиот тренер се плаши дека ќе излезе од контрола“, вели Мејлин.

Тој додава дека и Александар Зверев се соочува со слични проблеми – секогаш кога е блиску до успех, паѓа.

„Недостига лидер. Вратете ни го Синер. Во јануари, поради сомничави и обвинувачки погледи во соблекувалната, размислуваше да се откаже. За среќа, се враќа во Рим за да нè извлече од овој пекол. Нема подобро место за тоа“, заклучува францускиот новинар.

Да потсетиме, Новак Ѓоковиќ испадна во второто коло на Мастерсот во Мадрид, а потоа донесе одлука да се повлече од турнирот во Рим. Тој се обидува да ја освои својата 100-та титула во кариерата и 25-ти гренд слем на Ролан Гарос.