
Перо Антиќ со акламација „избркан“ од местото претседател на КФМ!
Ова е вторпат клубовите да покажат ваква решителност во обидот да стават крај на владението на поранешниот троен европски шампион, кој се покажа како многу подобар на теренот отколку надвор од него. Првиот пат беше кон крајот на минатата година, кога не ја прифати волјата и не дозволи да биде сменет поради бирократски одредби во Статутот. Тие престанаа да постојат на крајот на минатиот месец, а веќе 30-тина дена подоцна доаѓа до дефинитивен и легитимен крај на мандатот на сегашното раководство.
Антиќ во историјата ќе замине како еден од најлошите претседатели, без посебни резултати во развојот на кошаркарскиот спорт, со лоши настапи на националните селекции во сите конкуренции и со драматичен пад на квалитетот во клупската кошарка. Без разлика што во владение ја имаше салата „Кале“, таа повеќе беше користена како извор на приход со изнајмување отколку како дом на талентите каде што 24-часовно би се калела иднината на македонската кошарка. Мандатот го заврши на лош начин, со прекинување дведецениска традиција и неорганизирање на изборот на најдобрите за 2024 година.