Во Шпанија ќе има протест против Роналдо - ќе се фрлаат банкноти со неговиот лик! (ФОТО)

На пет кола пред крајот на сезоната, Реал Ваљадолид и математички го загуби прволигашкиот статус во шпанската Ла Лига, откако доживеа убедлив пораз на гостувањето кај Бетис со 5:1.

Со овој резултат, клубот стана првиот кој оваа сезона и официјално ги загуби шансите за опстанок со само 16 освоени бодови по 33 кола, дури 18 помалку од безбедната зона.

Формата на тимот е катастрофална, само еден бод во последните 14 натпревари и дури седум порази по ред. Ваљадолид е тимот со најмногу примени и најмалку постигнати голови оваа сезона, што ја прави нивната втора полусезона една од најлошите во поновата историја на шпанскиот фудбал.

Клубот во 2018 година го презеде легендарниот бразилски ас Роналдо Назарио, кој тогаш беше дочекан со големи очекувања и надежи за напредок. Но, по три испаѓања од Ла Лига во последните пет сезони, трпението на навивачите е при крај.

Незадоволството кулминира со протест што се подготвува за саботниот натпревар против Барселона. Навивачите испечатиле дури 60.000 лажни банкноти со ликот на Роналдо и порака: „Роналдо, оди си дома!“. Планот е сите гледачи на стадионот да ги добијат банкнотите и колективно да ги фрлат на теренот во 12. минута од натпреварот како симболичен протест против управувањето на клубот.

 

Фото: Real Valladolid C.F/X