И Хрватите бараат смена на селекторот - го сакаат предводникот на Словенија

Настапите на европските првенства остануваат рак-рана за хрватската репрезентација и тоа проклетство не успеа да го сруши ни Златко Далиќ кој веќе седум години е селектор на „коцкестите“ и досега оствари историски резултати.

Тоа, пред се, се однесува на мундијалите каде, под негово водство, Хрватска освои едно сребро и една бронза, а еднаш стигна и до финалето на Лигата на нации. Хрватите, сепак, му ги заборавија тие успеси и бараат негова смена по дебаклот на Европското првенство во Германија.

Медиумите во Хрватска веќе два дена прават анкети за тоа кој би требало да биде на селекторската функција. Резултатите се изненадувачки, на првото место се наоѓа актуелниот селектор на Словенија, Матјаж Кек, а по него е Далиќ. Понатаму следуваат Славен Билиќ, Иван Јуриќ, Ненад Бјелица и Игор Тудор.

Кек ѝ е добро познат на хрватската фудбалска јавност бидејќи пет години беше тренер на Ријека и во тој период успеа да ја прекине доминацијата на Динамо, освојувајќи една шампионска титула и два трофеја во Купот. Селектор на Словенија е од 2018 година, а во Германија успеа првпат да ја однесе репрезентацијата во нокаут фазата.