Гвардиола: Претходните три сезони бевме подобри од Реал, сега не

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола го призна поразот од Реал Мадрид во плејофот од Лигата на шампионите.

Во двата меча, неговиот тим прими вкупно шест гола и трет пат во последните четири сезони е елиминиран од најтрофејниот тим во елитното натпреварување. Иако резултатите во овие пресметки се на страната на Реал, Гвардиола тврди дека ова е првпат мадридскиот тим да е подобар на теренот.

„Подобриот тим победи, заслужено. Имавме добри настапи во Лигата на шампионите претходно, игравме финале и полуфинале, но сега потфрливме. Имам чувство дека претходните три години бевме подобри од Реал, но не и оваа“, рече Гвардиола.

Идната сезона Сити може и да не стигне до Лигата на шампионите бидејќи во моментов е четврти на табелата во Премиер лигата, а му се заканува и жестока казна поради прекршување на правилата од финансискиот фер-плеј.