
Луда сцена во Серија А: Му украде пенал на соиграч, погоди и славеше сам, па беше – заменет (ВИДЕО)
Лука, кој оваа сезона игра во одлична форма и доби повик во италијанската репрезентација, одби да ја предаде топката на претходно одредениот изведувач на пенали, капитенот Флоријан Товен. Откако судијата со помош на ВАР досуди пенал за гостите, Товен тргна да го изведе казнениот удар, но Лоренцо му ја зеде топката и одби да ја врати и покрај обидите на соиграчите и тренерот Коста Рунјаиќ да го вразумат.
Ситуацијата ескалираше кога судијата му покажа жолт картон за неговото однесување. Дури и играчите на Лече се обидоа да го убедат Лука да го препушти пеналот, но безуспешно. Тој самиот го изведе ударот и постигна гол, но остана без поддршка – ниту еден соиграч не го прослави погодокот со него. Разгневениот тренер веднаш го замени Лука, и покрај тоа што тој сезонава има 12 гола на 28 натпревари.
Напаѓачот летово пристигна во Удинезе од Пиза за 8 милиони евра, а моменталната пазарна вредност му е проценета на 18 милиони евра според „Трансфермаркт“.