Македонската кошаркарска репрезентација ќе продолжи да сонува настап на континентален собир и во следните најмалку четири години, откако со вечерашниот пораз на гостувањето кај Естонија (65-84) останавме без никакви шанси за пласман на ЕП 2025.

Жолто-црвените отпатуваа во Талин со императив да победат со најмалку шест поени разлика, единственото сценарио кое не оставаше во игра за место на Евробаскетот, но не само што не се случи тоа туку на крајот претрпевме уште еден убедлив пораз – четврти во досегашните пет меча во квалификациите. Домашниот тим не се исплаши од нашиот евролигашки тандем, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс и максимално ги искористи „дупките“ под кошевите, каде што бевме буквално без вистински центар. За тоа најдобро говори огромниот минус во скокови, каде што избраниците на селекторот Александар Јончевски имаа дури 17 скока помалку (47-30).

Македонската селекција не се предаде без отпор, се бореше до последниот атом енергија, особено во првото полувреме во кое на крајот дури имавме и минимална предност (39-38). Но, ограничената ротација и малата помош од останатите репрезентативци, со исклучок на Андреј Маслинко, се покажаа како клучни во продолжението. Естонците на стартот од третата четвртина со серија 12-4 дојдоа до првото двоцифрено водство (58-48) со што ги најавија крајниот епилог и решеноста да дојдат до посакуваниот триумф кој ги води на ЕП.

Ти-Џеј Шортс со 21 поен и шест асистенции беше лидер кај Македонија, додека веднаш зад него беше Димитријевиќ со 20, но со дури 20 упатени шута од поле (погоди седум), а за одбележување се и 15-те поени на Маслинко со седум скока.

Во вториот меч од нашата група, Литванија како гостин ја размонтира Полска (82-48). Во пресрет на последното коло, Литванија и Естонија имаат скор 4-1, а Македонија и Полска 1-4, со тоа што Полјаците имаат загарантиран настап на ЕП како еден од домаќините, додека ние единствени ќе останеме без настап и на уште едно ЕП.