Хрватите бесни што пак ќе играат со „пацерски“ селекции – меѓу кои е и Македонија!

Хрватската кошаркарска репрезентација не успеа да се пласира на ЕП 2025, откако синоќа загуби од Франција (80-83) во клучниот натпревар од квалификациите одигран во Задар.

Со победата на БиХ против Кипар, „коцкестите“ ги загубија сите шанси за учество на континенталниот шампионат – нешто што се случува првпат во историјата. Последниот квалификациски меч в понеделник против Кипар ќе има само формален карактер, по што Хрватите ќе ги започнат подготовките за претквалификациите за СП во 2027 година во Катар. Тоа е следната голема сцена на која Хрватите би можеле да се појават, а евентуален пласман би ставил крај на петгодишната пауза без учество на големо натпреварување.

Хрватска ќе стартува од втората рунда на претквалификациите, во кои ќе се натпреваруваат 12 селекции поделени во четири групи по три селекции од кои најдобрите две ќе продолжат во квалификациите. Јавноста во оваа земја е бесна за ваквата ситуација што треба да играат против „пацерски“ репрезентации, меѓу кои ќе биде и Македонија, која исто така остана без пласман на ЕП по синоќешниот убедлив пораз кај Естонија (65-84).