Скандал во Задар: Навивачите на Хрватска со „За дом спремни“ ги величеа усташите!

На квалификацискиот натпревар за ЕП во кошарка меѓу Хрватска и Франција, кој се одигра во преполнетата сала „Јазине“, дел од хрватските навивачи извикуваа контроверзни пароли.

Втората четвртина беше обележана со кратко скандирање „За дом спремни“, а навивачите пееја и песна со фашистички конотации. Во тие моменти, Хрватска губеше од Франција. Поздравот „За дом спремни“ е препознатлив како службен поздрав на усташката Независна Држава Хрватска (НДХ), сојузник на нацистичка Германија во Втората светска војна. Иако некои историчари тврдат дека тоа бил стар хрватски поздрав, нема докази за негово користење пред усташкото движење. Во 1990-тите, поздравот повторно се користеше од припадници на Хрватските одбранбени сили (ХОС) за време на Граѓанската војна.

Сличен инцидент се случи и во 2013 година, кога по пласманот на Хрватска на Светското првенство во Бразил, поранешниот репрезентативец Јосип Шимуниќ заедно со навивачите го извикуваше истиот поздрав на стадионот „Максимир“. За тоа беше остро санкциониран, што доведе до крај на неговата репрезентативна кариера.