Ниту Гвардиола сѐ уште не знае дали Халанд ќе игра против Ливерпул!

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, сè уште не знае дали ќе може да смета на Ерлинг Халанд за дербито против Ливерпул в недела.

Норвешкиот напаѓач го пропушти реваншот со Реал Мадрид поради повреда здобиена на крајот од натпреварот со Њукасл. Дополнителни грижи за Сити се повредите во одбраната – Џон Стоунс ќе биде надвор од терените најмалку два месеца, а истиот период ќе отсуствува и Мануел Аканџи. За разлика од нив, Кевин Де Бруин е целосно подготвен за игра, а неговото непојавување против Реал Мадрид било тактичка одлука на Гвардиола.

„Сè уште не знам дали Халанд ќе игра. Ќе добиеме повеќе информации утре. Со него сме посилни, затоа се надевам дека ќе биде подготвен. Стоунс има посериозна повреда и во следните денови ќе утврдиме дали е потребна операција. Очекувам и тој и Аканџи да отсуствуваат од осум до десет недели“, изјави Гвардиола.

Тој одби да го спореди Ливерпул на Арне Слот со тимот под водство на Јирген Клоп.

„Нема да одговорам на тоа прашање. Го почитувам Јирген и не сакам да учествувам во такви дискусии“, дополни Шпанецот.

Говорејќи за предизвиците во Премиер-лигата, Гвардиола посочи дека повредите значително влијаат врз подготовките на тимот.

„Имаме двајца централни дефанзивци надвор на два-три месеци, што ни создава проблеми. Премиер-лигата ни е многу важна. Иако не сме секогаш стабилни, во некои натпревари, како против Њукасл, покажавме високо ниво. Ќе се обидеме да одиграме добар меч и да ги освоиме потребните бодови за пласман во Лигата на шампионите“, заврши стратегот на „граѓаните“.