Дури и Данците признаваат: Србите се оштетени, имаше чист пенал над Митровиќ!

Репрезентацијата на Србија ги разочара своите навивачи со елиминацијата уште по првата фаза на ЕП 2024, откако синоќа не успеа да дојде до неопходната победа во дуелот со Данска (0-0) па со ремито завршија како последни во групата.

Мечот со Данците долго ќе се анализира и прераскажува, особено по едно признание од таборот на противникот од северот на Европа. Ова се однесува на ситуацијата од пред крајот од натпреварот, кога српскиот напаѓач, Александар Митровиќ, беше фаулиран во шанса за гол, а судијата не реагираше. Немаше реакција ниту од ВАР-собата, па целата ситуација набрзо беше заборавена, но по мечот многу стручњаци признаа дека се работи за фаул.

Еден од нив беше поранешниот германски судија со знакот на ФИФА, Мануел Грефе, кој смета дека е направен прекршок над Митровиќ.

„Чист пенал во групата Ц. Појасно од ова не можете да соборите играч. Зошто немаше реакција од ВАР, особено што таа ситуација ја реши судбината на Србија и тие повторно со право ќе бидат разочарани - како што беа по Светското првенство во 2018 година“, напиша поранешниот судија на Твитер.

Слично мислење искажа и стручниот консултант од данската „ТВ 2 Спорт“, Мортен Брун.

„Сега треба да внимаваме што зборуваме, зашто тоа беше пенал. На Митровиќ му го соблекоа дресот. Митровиќ не беше фаулиран во првата ситуација (со Јоаким Андерсен – н.з.), но секако беше во втората. Меле и Данска имаа многу среќа!“, кажа Брум за време на преносот.