Домаќините немилосрдни во Конференциската лига – на четири меча „победија“ со 11-0 (ВИДЕО)

Екипата на Кристал Палас дојде до убедлива победа во првиот четвртфинален дуел од Конференциска лига против Фиорентина (3-0) со што направи огромен исчекор кон пласман меѓу четирите најдобри во ова натпреварување.

Англичаните само ја најавија огромната доминација на домашните тимови во четирите вечерашни пресметки, кои завршија со вкупни 11-0. Лондонскиот тим ја најави победата уште во првото полувреме, кога Жан-Филип Матета погоди во 24. минута, а само седум минути подоцна зголеми Тајрик Мичел за комотни 2-0 на паузата. Италијанскиот состав се обиде да избегне поубедлив пораз, но создаде само неколку полуприлики и не успеа да дојде ниту до почесен погодок. Казната стигна во самиот финиш, кога Исмаила Сар во 91. минута ги постави конечните 3-0, правејќи го реваншот во Фиренца исклучително тежок за „виолетовите“.

Сигурна предност пред реваншот обезбеди и Мајнц 05, кој на домашен терен славеше со 2-0 против Стразбур. Стрелци за германскиот тим беа Каишу Сано и Стефан Пош. Убедлив чекор кон полуфиналето направи и Шахтјор Доњецк, кој го совлада АЗ Алкмар со 3-0. Украинскиот тим го реши прашањето на победникот со десетминутен „блицкриг“ меѓу 72. и 82. минута. Два гола постигна Алисон, додека еднаш прецизен беше Педрињо, па Шахтјор со голема предност ќе патува на реваншот во Холандија.

Претходно денеска, Рајо Валјекано беше исто така убедлив против АЕК (3-0). Реванш-средбите се играат следниот четврток.

ФОТО: EPA PHOTO