Астон Вила моќно ја освои Болоња, Порто ремизираше со „шумарите“ од Нотингем (ВИДЕО)

Во првите четвртфинални натпревари од Лига Европа, најсилен впечаток остави Фрајбург, кој е на чекор до историски пласман меѓу четирите најдобри, откако на домашен терен убедливо ја совлада Селта Виго (3-0).

Германскиот тим доминираше од самиот старт, а резултатот го отвори капитенот Винченцо Грифо со мајсторски погодок во 10. минута. Предноста ја зголеми Јан-Никлас Бесте во 32. минута, по асистенција на Игор Матановиќ, додека конечните 3-0 ги постави Матијас Гинтер по корнер во финишот.

Голем чекор кон полуфиналето направи и Астон Вила, која славеше на гостувањето кај Болоња (3-1). Езри Конса донесе водство пред паузата, а во второто полувреме зголеми Оли Воткинс. Џонатан Роу накратко внесе надеж за домаќините, но Воткинс со втор погодок во судиското продолжение ја запечати победата.

Најнеизвесно беше на „Драгао“, каде што Порто и Нотингем Форест одиграа 1-1. Вилијам Гомеш донесе водство за домаќините во 11. минута, но само две минути подоцна Мартин Фернандеш си постигна несекојдневен автогол од половина терен, што им донесе вреден резултат на гостите пред реваншот.

Со идентичен резултат како во Португалија вчера ремизираа и Брага и Бетис.