Арсенал го распродава тимот – за петорица фудбалери бараат 200 милиони евра!

Управата на Арсенал подготвува голема реконструкција на тимот ова лето и е подготвен да ги разгледа понудите за дури пет првотимци, со цел да обезбеди средства за нови засилувања.

Меѓу фудбалерите кои може да заминат се и младите таленти од академијата, Мајлс Луис-Скели и Итан Нванери, иако двајцата неодамна потпишаа долгорочни договори. Причината е финансиска – бидејќи се производи на клупската академија, целата сума од евентуалните трансфери би се сметала како чист профит, што е клучно за усогласување со финансиските правила во Премиер лигата. За Нванери најголем интерес покажува Борусија Дортмунд, додека Луис-Скели го следат повеќе клубови од врвот на Премиер лигата. Лондонскиот клуб се надева на заработка од најмалку 115 милиони евра за овој тандем.

Покрај нив, Арсенал е подготвен да слушне понуди и за Габриел Жезус, Бен Вајт и Габриел Мартинели, кој иако беше важен дел од тимот сепак е на продажба поради потребата од финансиска стабилност по големите вложувања од околу 290 милиони евра минатото лето. Проектот на тренерот Микел Артета е под надзор на спортскиот директор Андреа Берта и извршниот директор Ричард Гарлик, кои сакаат да обезбедат средства за нови засилувања – бек, централен играч за врска и лево крило.

Капитенот Мартин Одегард и покрај тоа што влегува во последните две години од договорот, не е на продажба.