„Марка“ жестоко удри по Карвахал: Веќе го допре дното!

Дани Карвахал минува низ проблематичен период во Реал Мадрид бидејќи се најде во ситуација во која не е навикнат и веќе не е важен како до пред некоја сезона. Критики за ветеранот денеска испрати и шпанска „Марка“ која за него напиша текст со наслов „Карвахал го допре дното“. 

Тежината на последните повреди, кои вклучуваа две операции на коленото во една година и зголемената конкуренција на неговата позиција, прво преку таканаречената „Феде формула“, па со доаѓањето на Арнолд го оддалечија од почетниот состав. Веќе не е недопирлив, а неговото влијание во тимот станува сè помало, што го потврдија и последните два натпревари кои ги следеше од клупата.

За него тоа не е ситуација која лесно би ја прифатил, особено за капитен, играч со извонреден натпреварувачки дух и легенда на клубот, кој од враќањето во Мадрид во 2013 година цврсто ја држеше својата позиција без вистинска конкуренција.

Сега, по првпат по тешката повреда на коленото минатата сезона, се доведува во прашање неговата форма. Карвахал не се согласува со таквата спортска проценка и е фрустриран што не добива континуирани шанси за да се врати на највисокото ниво. По враќањето на 4 јануари од повредата на натпреварот против Бетис, неговата минутажа е многу помала од она што го очекуваше.  Ниту Чаби Алонсо претходно, а ниту сега Арбелоа не му даваат премногу прилика. 

„Моментот кој предизвика тензија меѓу капитенот и новиот тренер се случи на 1 февруари, кога остана на клупата против Рајо Ваљекано. Тензиите се зголемија недела дена подоцна, кога Арбелоа на Местаља против Валенсија во првиот состав го стави младиот Давид Хименез од младинскиот погон, оставајќи ги на клупата и Карвахал и Трент, кој се враќаше од повреда“, пишува шпанскиот весник.

За Карвахал тоа било неприфатливо, а токму на крајот од тој дуел на клупата влезе во жестоката расправија со кондицискиот тренер Пинтус, а снимката брзо се прошири на интернет. Настаните на Местаља го открија „случајот Карвахал“ и доведоа до средба лице-в-лице помеѓу играчот и тренерот. Целта била да се решат несогласувањата и да се разјасни ситуацијата. Првиот резултат од средбата бил враќањето на Давид Хименез во Кастиља, по што тој повеќе не конкурираше за првиот тим.

Ова му го отворило патот на Карвахал кон поголема минутажа. Сепак, ниту на натпреварот против Реал Сосиедад на 14 февруари не беше стартер, иако влезе во игра и одигра половина час. .

Во Реал веруваат дека токму таа љубомора била причина за непријатниот инцидент со играчот од младинскиот погон. На тренинг пред натпреварот против Осасуна, Карвахал претера со острината и со непредпазлив старт го повредил Валдепењас, дефанзивец на Кастиља. Младиот играч поради повредата на коленото отсуствуваше од теренот еден месец, а последиците можеле да бидат и полоши, барем според пишувањето на мадридските медиуми.