Чеферин ги брани Катарците: Никој на УЕФА нема да ѝ кажува што да прави!?

Првиот човек на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин за „Би-Би-Си“ истакна дека не гледа проблем зашто Катарци да не го водат Пари Сен Жермен, без оглед што компанијата која е газда на францускиот гигант е во сопственост на државниот инвестициски фонд од земјата домаќин на СП годинава.

Чеферин се најде повикан после одлуката Килијан Мбапе за безобразно многу пари да остане во ПСЖ, иако беше на чекор да се пресели во Реал Мадрид, а Ла Лига најави тужби во Нион и во француските и европските судови поради нелогичноста ПСЖ да пријавува годишни загуби од 250 милиони, а да има стотици милиони за да го задржи Мбапе.

„Во нашите натпреварувања добредојден е секој што ги почитува правилата, ако не сака – нема да игра! Видете, ниту Реал Мадрид, ниту било кој друг клуб нема да ни говори што УЕФА треба да направи. Тие сега се огорчени, а јас колку што знам, нивната понуда беше идентична како таа на ПСЖ“, вели Чеферин.

Многумина во европскиот фудбал сметаат дека Чеферин е седнат во скутот на Насер Ал Келаифи, катарскиот газда на ПСЖ, кој всушност е „претседател во сенка“, а инаку е член на Извршниот комитет на УЕФА како претставник и прв човек од Европската клупска асоцијација (ЕКА). Ова посебно го потенцираа „суперлигашите“, пред се од Реал Мадрид во битката против УЕФА за спорното натпреварување.

Хавиер Тебас, првиот човек на шпанската Ла Лига го нарече Ал Келаифи поопасен од Суперлигата, а понудата за Мбапе како – навреда за целиот фудбал. Зад ПСЖ стои „Катар Спортс Инвестментс“, која е ќерка фирма на државниот фонд „Катар Инвестмент Ауторити (QIA).

„Ќе повторам тоа што неколкупати сум го кажал. Кажете еден аргумент зашто тие (катарците – н.з.) не би требало да бидат газди на клуб? Зарем останатите англиски клубови немаат газди од САД, од Блискиот исток, од Англија? Иста е ситуацијата. Јас сум уморенод ваквите обвинувања, кои немаат конкретни основи. Сакам да знам кој ги прекршил правилата. Ако, некој стори таков престап – ќе биде казнет“, додаде Чеферин.