Англичаните збеснаа: Меси го доби „омилениот“ судија за полуфиналето

Медиумите на Островот буквално полудеа откако ФИФА го одреди судијата за утрешното полуфинале меѓу Англија и Аргентина.

Главен на овој меч ќе биде американскиот арбитар Исмаил Елфат за кого Англичаните тврдат дека му е омилен на Лионел Меси затоа што добро го знае од МЛС и нема пораз кога тој ги води натпреварите. Во Англија ионака постојано мантраат дека Меси и Аргентина имаат судиска помош на Мундијалот, а назначувањето на Елфат дополнително ги подгреа нивните теории на завера.

„Тимот на Меси не беше ни блиску до својата најдобра форма пред натпреварот против 'трите лава', откако контроверзно ги победија Египет и Швајцарија во осминафиналето и четвртфиналето. На Египет му беше поништен контроверзен гол, а со Швајцарија беше исклучен напаѓачот Брил Емболо. Ова предизвика реакции и шпекулации дека ФИФА прави завера да им помогне на Меси и Аргентина да го освојат турнирот. Обвинение што управното тело силно го негира“, пишува Дејли меил, подгревајќи ги страстите пред утрешниот натпревар.

Елфат е Американец со мароканско потекло и првпат ќе им суди на Англија и Аргентина на овој Мундијал. Тој беше четврти судија во финалето на Светското првенство во 2022 година, кога Аргентина ја победи Франција. Неговите средби со Меси зачестија откако фудбалерот е во МЛС лигата и игра за Интер Мајами.

Меси со својот тим го освои Купот против Нешвил, а Елфат тогаш беше главен судија. Откако е во САД, Елфат му судеше седумпати на Меси и во секој од тие натпревари Лео победи. За потсетување, Пјерлуиџи Колина, претседател на судискиот комитет на ФИФА, постојано ги отфрла обвинувањата дека Аргентина е фаворизирана.