Вардар првпат во историјата ќе патува во Летонија
Откако „црвено-црните“ денеска за малку не успеаја да направат чудо и се елиминирани од Купс во квалификациите за Лигата на шампионите, настапот на меѓународна сцена го продолжуваат во квалификациите за Конференциската лига. Ждрепката го спои со Рига кој доживеа елиминација од Арарат со вкупни 3-4 откако првиот меч во Ерменија го загуби со 0-2, а денеска, исто како Вардар, Летонците остварија пирова победа на домашен терен (3-2). По 23 минути на денешниот меч, Рига водеше со 2-0, но во второто полувреме прими два гола, па погодокот од пенал во судиското продолжение не беше доволен за продолжение.
Првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига се игра на 23 јули во Скопје, а реваншот е една недела подоцна во летонската престолнина. Интересно е тоа што ова ќе биде прва пресметка на Вардар против клубови од Летонија во европските купови.