Брутален распад: Тимот кој го освои „Бернабеу“ во ЛШ, остана на само двајца првотимци!

Најголемата сензација во изминатата сезона во Лигата на шампионите, доминантниот молдавски првак Шериф од Тираспол, кој успеа среде „Сантјаго Бернабеу“ да го победи Реал Мадрид на почетокот на сезоната, по што „кралевите“ на крајот ја освоија 14-та европска титула, остана без безмалку комплетниот тим.

Тимот на Шериф после историскиот настап во ЛШ брутално се распадна, што од една страна е и очекувано, зашто клубот од регионот Транснистриа, регион во Молдавија кој е руска енклава и во овој период кога Русија веќе четири месеци врши агресија врз Украина е крајно нестабилен, а пред еден месец имаше стравувања дека руски трупи од овој регион може да ја нападнат Одеса.

Само двајца фудбалери од првата единаесеторка која истрча на мадридскиот храм и победи со 2-1 против „кралевите“, една од најголемите сензации во историјата на ЛШ засега остануваат дел од Шериф и прашање е дали до почетокот на новата сезона сѐ уште ќе бидат во клубот. Во молдавскиот првак кој и сезонава ја освои „двојната круна“ играше и македонскиот репрезентативец Бобан Николов, чиј договор му истекува на 1 јули и потоа е слободен, а веќе извесно е дека бескомпромисниот борец ќе бара нова средина за продолжување на кариерата.

Шериф уште во февруари, само што почна руската агресија остана без тренерот Јуриј Вернидуб, кој се врати во татковината за да ја брани од агресорот, а како заврши сезоната дел од фудбалерите што беа на заем си се вратија во матичните клубови, а дел направија трансфери, меѓу кои и неколку тотално неочекувани, зашто играчи завршија во третата лига на Турција односно во Тајланд.

Капитенот Франк Кастењеда преку Варта Познањ заврши во Буринам, голманот Јоргос Атанасиаидис се врати во АЕК Атина, Јасурбек Јахшибоев се врати во Легија, а стрелецот на победничкиот гол на „Бернабеу“, луксембуржанецот Себастијан Тил се врати во матичниот Нидеркорн. Адама Траоре замина во унгарски Ференцварош, Димитриос Коловос во Коџаели, Данило Арболеда во Ал Аин во ОАЕ, Крис Силва во Флуминенсе, а Фернандо во Крилја Совјетов.

Останаа од единаесетмината засега Едминд Адо и Густаво Дуланто. Николов е слободен по 1 јули, а од резервите Бруно замина во Омонија, Максим Кожукару се пресели во ривалскиот Петрокуб, а останатите од резервните голмани Думитру Селеадинк и Сергеј Пашенко, стоперот Стјепан Раделјиќ, играчот за врска Серафим Кожокари и крилото Момо Јасане сѐ уште се дел од „шерифите“.

Во тимов има низа новаци, но тимот што беше сензација во ЛШ, за новата сезона ќе има тотално поинаков лик. На стартот во квалификациите ги чека босански Зрињски за противник, а дали ќе успеат да ја повторат историската сезона е големо прашање.