Баерн ќе гостува во Мадрид без двајца од своите најдобри фудбалери

Баерн Минхен ќе има тешка задача во Мадрид да го надомести поразот од 1-2 на домашен терн во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампиони. 

Задачата на „баварците“ ќе биде уште потешка со оглед на фактот дека тренерот Јуп Хејнкес нема да може да смета на Арјен Робен. Холанѓанецот, кој е поранешен фудбалер на Реал Мадрид, беше стартер на првиот натпревар, но мораше да го напушти теренот уште во осмата минута поради повреда на препоните.

Неговата пауза ќе потрае подолго, а истото важи и за Џером Боатенг, кој исто така поради повред го напушти првиот дуел со „лос бланкос“. Хејнкес за реваншот на „Сантијаго Бернабеу“ нема да може да смета ниту на Кинсли Коман, како и првиот голман Мануел Нојер, кој подолго време е повреден.

Единствена добра вест за Баерн Минхен можеби е враќањето на Давид Алаба, кој се опорави од повредата и е вклучен во составот за реваншот со Реал Мадрид.