Алонсо: Потфрлив и јас и сите фудбалери!

Баер Леверкузен синоќа го доживеа првиот пораз оваа сезона, го загуби финалето од Лига Европа против Аталанта и не успеа да дојде до тројна круна без загубен меч.

Аталанта ја прекина неверојатната серија на Баер Леверкузен од 51 натпревар без пораз. Тимот на Чаби Алонсо се прикажа во лошо издание, беа комплетно надиграни од италијанскиот тим.

Алонсо признава дека не биле на потребното ниво, ниту тој, ниту играчите.

„Не ни беше во план да имаме толку лош ден, но Аталанта нѐ принуди на тоа. Ова не беше наша вечер, не бевме на нашето ниво, почнувајќи од мене, па сите останати“, рече Алонсо по мечот.

„Не го реализиравме планот кој го имавме пред мечот, Аталанта е тим кој бара многу внимание. Играат физички фудбал со многу дуели. Едноставно не ни беше судено да победиме на овој меч“.

„Ни заврши серијата без пораз, но треба да бидеме горди на неа. Аталанта заслужено го освои трофејот и мора да им честитаме за тоа, беа подобри и индивидуално и тимски. Едноставно имаа подобра енергија од нас. Поразот боли, но треба да научиме од него“.

„Не треба многу да очајуваме, за три дена нѐ чека ново финале, од Купот на Германија, треба да се фокусираме на тој меч“.