Венгер потврди: Се враќам во јануари!

Еден од најдобрите тренери на светот, „професорот“ Арсен Венгер, кој летово по 22 години си замина од Арсенал најави дека во јануари 2019 година ќе се врати на тренерската работа, потврдувајќи дека има еден куп понуди.

Венгер во интервју за германски „Билд“ посочи дека има низа понуди на маса, но засега не решил која да ја прифати. Пред неполн месец, турските медиуми најавија дека Французинот може да биде нов тренер на Фенербахче и да го тренира макеоднскиот бисер Елиф Елмас, како замена за Филип Коку, под чија палка истанбулскиот великан има преслаби резултати досега.

„Верувам дека ќе почнам повторно со работа веќе од јануари 2019 година. Сè уште не знам каде, ама се чувствувам одморен и подготвен за новата работа“, рекол Венгер,

Додал и дека меѓу понудите има и такви за да се испроба како селектор на некој национален тим.

„Имам понуди да бидам селектор на некои национални тимови, а можеби и да бидам во Јапонија. За 22 години поминати во Арсенал имал толкаво искуство, да можам да работам на различни новоа. Имам понуди од сите страни на светот“, додава 68-годишниот Венгер.