
Тага во Италија: Почина човекот кој му го продаде Милан на Берлускони
Фарина ќе остане запаметен како човекот што во 1986 година му го продаде Милан на Силвио Берлускони, а претходно беше дел и од некои од најинтересните моменти во италијанскиот фудбал од тој период.
Во 1978 година, под водство на Фарина, Виченца заврши како втора во Серија А, а токму тогаш блесна и младиот Паоло Роси – идниот светски шампион и добитник на Златната топка во 1982 година.
Сепак, најмногу се зборуваше за периодот на Фарина како претседател на Милан. Клубот го презеде во јануари 1982 година, но веќе на крајот од таа сезона „росонерите“ испаднаа во Серија Б – по вторпат во својата историја, првиот пат беше во 1980 година поради обложувачкиот скандал.
Следната сезона Милан се врати во елитата, но клубот не успеа да се врати на старите славни патеки. Најдобар пласман во времето на Фарина беше петтото место во лигата. До февруари 1986 година, Милан се најде во сериозни финансиски проблеми и беше на работ на банкрот, а токму тогаш Фарина го продаде клубот на медиумскиот магнат Силвио Берлускони – трансакција која ќе го промени текот на фудбалската историја.
Во негово време, својот деби настап за Милан го имаше и еден млад Паоло Малдини – кој подоцна ќе стане икона и капитен на клубот.