„Суперкласико е доказ за болното општество и лошото образование!“

Ривер и Бока требаше да го одиграат мечот на векот, но општото лудило кое од поодамна владее во Аргентина, во неверојатната омраза кон ривалот, вчера беше пречка за спектакуларното Суперкласико да се одигра. По нападот на автобусот на Бока, мечот со две пролонгирања, на крај се одложи за денеска, а наместо фудбал, од Буенос Аирес доаѓаа слики на – општ хаос. Гневот за одложувањето се прелеа на улиците со жестока пресметка на хулигани со полицијата.

Речиси да нема аргентински медиум, кој по случувањата пред „Монументал“ кратко целото лудило не го опиша како – срам!

„Тоа што се случи вчера го покажува најлошото лице на Аргентина! Системот е длабоко повреден, а контролата и безбедносните проценки секојпат лоши и неефикасни“, пишува еден од најпознатите весници „Кларин“.

„Нешто е погрешно и тоа многу погрешно. Нешто е погрешно во главите на тие што фрлат камења. Нешто е грешни кај тие што ја елаборираат операцијата, без притоа да направат добра проценка на безбедносен ризик. Нешто е многу грешно кај тие што пишуваат дека 'другите седеле и барале изговор за да не играат'. А најгрешно од сè е кај тие што викаат: 'требаше да ги убиеме'. Убистово. Да убијат некој. Дури седејќи и пред телевизор, човек го фаќа страв. А, потоа доаѓа одвратност, срам... Иако си далеку од Нуњез. Ова е тотален пораз за сите. Суперкласико е само доказ за неедуцирано и болно општество. Доказ за систем кој е болен во кој има неефикасна контрола“, додава Кларин.

А, претседателот на Аргентина дури сакаше двете финалиња да се играат и со гостински навивачи и тоа по 4.000 на „Бомбоњера“ и на „Монументал“. После вакво лудило, очигледно уште „сто години“ гостинските навивачи нема да припарат на стадионите.

„Претседателот сакаше финале со гостински навивачи, имаше желба, да даде импулс, а го поддржа и министерот за спорт. А, навивачите на Ривер ги нападнаа фудбалерите на Бока. Легитимно е да се мисли дека да се играше реваншот на 'Бомбоњера', истото ќе се случеше. Тука дресовите повеќе не се причина за поделба. Тука веќе станува прашање за – преживување. Пред неколку дена полицијата не успеа да примири стотина навивачи на Ол Бојс, кои направија ршум во трета лига, а сега... Сега изгледаше како „битка за Марс“ пред целиот свет, пред Инфантино, пред неделата на која треба да дојдат светските најмоќни политичари (Г-20)... Како Аргентина планира да добие СП 2030? Вака? Сигурно не. Како полицијата ќе објасни дека целиот коридор добро не го обезбедила? Не спречила некој од блиску да фрли камен? Сè беше хорор и изгледа треба да се откажеме од надежта, зошто надеж за ова општество – нема!“, дополнува „Кларин“.