Саудискиот принц со порака до Западот: Нема да нѐ запрете да инвестираме во спортот!

Саудискиот принц-престолонаследник Мохамед Бин Салман му порача на западниот свет дека баш му е галје што мислат за Саудиска Арабија и најави дека силните инвестиции во спортот и фудбалот пред сѐ ќе продолжат.

Западот веќе подолго време ги има на пик арапските земји, прво Катар поради Мундијалот за непочитување на човековите права, а сега Саудиска Арабија откако оваа земја изнакупи еден куп фудбалски ѕвезди и потроши милијарди евра за својата лига да ја изгради во една од најспектакуларните на светот.

Западот ја обвинува С. Арабија дека преку ваквите инвестиции сака да го испере угледот за кршењето на човековите права, па Бин Салман им упати порака дека – може да мислат што сакаат.

„Тие може да мислат што сакаат. Ако ова (спортот и фудбалот – н.з.) ни го зголемува ГДП-то (бруто домашниот производ – н.з.) за еден отсто, ние ќе продолжиме со инвестициите. Тој термин 'спортванишинг' не ме интересира. Јас во ГДП-то имам раст од еден отсто, а целам на уште 1,5 отсто. Може да ме наречете како сакате, но ние тие 1,5 отсто ќе ги обезбедиме“, порача Бин Салман.

Моќниот фонд ПИФ има на располагање 580 милијарди евра, овој државен фонд веќе го купи англиски Њукасл, како и четирите најголеми клубови во С. Арабија – Ал Итихад, Ал Наср, Ал Хилал и Ал Ахли.

С. Арабија годинава ќе биде домаќин на Светското клупско првенство, има цел по 2030 година да биде домаќин и на Мундијалот, како и на Летни Олимписки игри, а веќе има трка во Формула 1, престижни турнири во голф се играат веќе во оваа земја, боксерски спектакли исто така се одржаа, Суперкупови на Шпанија и Италија....