Сите во „Јане“: Ракометарите бркаат победа со два разлика вредна нов настап на ЕП!

Македонската машка ракометна репрезентација вечерва против Литванија (18 часот) во салата „Јане Сандански“ го игра најважниот натпревар во квалификациите за Европското првенство (ЕП), бидејќи со победа со најмалку два гола разлика ќе го осигура второто место во групата, кое директно води на континенталниот собир.

Селекторот Кирил Лазаров предупредува дека натпреварот нема да биде лесен, иако нашите момци важат за фаворит.

„Литванија не е само кошаркарска земја, како што многумина мислат. Станува збор за сериозна ракометна селекција со искусен тренер, играчи со богато интернационално искуство и амбициозна федерација. Очекувам вистински ракометен спектакл,“ изјави Лазаров.

Македонската репрезентација се соочуваше со бројни проблеми при составувањето на тимот, но атмосферата во таборот е мотивирачка, особено со оглед на важноста на натпреварот. Поддршката од домашната публика во салата во скопски Аеродром ќе биде дополнителен поттик за избраниците на Лазаров. Првата средба меѓу овие две селекции заврши со минимален триумф на Литванија (29-27), што ја прави реванш-средбата уште поважна. И победа со еден гол би ни донела реални шанси за пласман на ЕП како една од најдобрите третопласирани селекции од сите групи, нотриумф со два разлика ги отстранува сите дилеми и уште вечерва ни носи виза за уште едно големо натпреварување.

ФОТО: EPA PHOTO