Роналдо уште дава голови, ама тоа не е доволно: Му помина времето, затоа игра во Саудиска Арабија

Во рок од три дена, Кристијано Роналдо постигна два гола за португалската репрезентација во Лигата на нации и ја проби границата од 900 во својата кариера, но ни тоа не е доволно за некои да му оддадат почит.

Поранешниот англиски репрезентативец Габриел Агбонлахор оди малку поназад, на настапите на Роналдо на Европското првенство и тврди дека неговото време е поминато. Како потврда за тоа го зема фактот што веќе две години настапува во првенството на Саудиска Арабија кое и покрај големите вложувања, се уште е многу далеку од европскиот фудбал.

„На Европското првенство не направи ништо, тоа не смееме да го заборавиме. Веројатно само ги спречи останатите да играат добро, а тоа скапо ја чинеше Португалија. Неговото време е поминато, го нема повеќе она потребното за да игра на највисоко ниво. Постои причина зошто игра во Саудиска Арабија, а не во Манчестер, Реал или на друго место во Европа“, смета Агбонлахор.

И покрај се, тој е уверен дека Роналдо нема да ја заврши кариерата пред Светското првенство во 2026 година.