
Ренџерс доби богати сопственици, се чека синот на Анчелоти
Новата управа сега поседува 51% од акциите, а преземањето беше официјално потврдено доцна во четвртокот, откако Шкотскиот фудбалски сојуз даде зелено светло за трансакцијата.
На чело на клубот од „Ајброкс“ ќе застане Ендрју Кавено како нов претседател, додека Параг Марате кој е актуелен претседател и на Лидс ќе ја преземе функцијата потпретседател.
За крајот на јуни е закажано вонредно собрание на кое ќе се верификува нова емисија на акции, преку која американските инвеститори ќе вложат 20 милиони фунти – средства што главно ќе бидат насочени кон засилувања со цел симнување на Селтик од врвот на шкотскиот фудбал. Дел од тие средства веќе биле искористени за откуп на акции од поранешните претседатели Дејв Кинг и Џон Бенет.
„Конзорциумот носи нова стратегија, со фокус на резултатите на теренот и финансиската одржливост“, соопштија од клубот. Во тој процес, Ренџерс ќе премине од статус на јавно во приватно претпријатие.
Клубот сè уште е во потрага по нов тренер, а како најверојатен кандидат се споменува Давиде Анчелоти, синот на славниот Карло Анчелоти.
Фото: Rangers FC/X