Официјално: Џејми Варди се врати во Англија

Џејми Варди е нов фудбалер на Барнли, англискиот второлигаш објави дека 39-годишниот напаѓач потпишал договор до крајот на актуелната сезона.

Варди во клубот пристигнува како слободен играч, откако летово му истече договорот со Кремонезе.

„Воодушевени сме што можеме да го објавиме доаѓањето на искусниот напаѓач Џејми Варди, кој потпиша договор до крајот на актуелната сезона. Добредојде во Барнли, Џејми“, објави клубот.

Така, Варди по само една година се враќа во англискиот фудбал. Минатото лето го напушти Лестер по 13 години и се пресели во Кремонезе. Италијанскиот клуб не успеа да обезбеди опстанок во Серија А, а Варди во текот на сезоната постигна седум првенствени голови.

По истекот на договорот стана слободен играч, а во последните недели беше поврзуван со низа клубови, меѓу кои Вест хем, Рексам и Шефилд венсдеј.