Мега дерби уште во првото коло - Пелистер во охридскиот пекол

Летната сезона во Охрид уште не е завршена, а љубителите на ракометот во градот покрај Езерото вечерва ќе имаат можност да присуствуваат на спектакл во првото коло од македонската Суперлига.

На гости во „Билјанини извори“ доаѓа еден од најтрофејните домашни клубови Пелистер со кого Охрид последните две сезони одигра неколку извонредни натпревари. Нема сомнение дека таков ќе биде и денешниот, веројатно пред полни трибини, во пеколна атмосфера и како актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот куп.

За Пелистер денешниот натпревар е официјален старт на една нова ера во домашното првенство бидејќи првпат на меч од Суперлигата ќе биде еден од најуспешните светски стручњави Лино Червар. Тој го водеше Пелистер на три меча од Регионалната лига, но вистинските предизвици допрва почнуваат. Битолчани се надеваат дека со него на клупата ќе се вратат на шампионските патеки, а вистински тест за амбициите ќе биде денешниот натпревар во Охрид.

Минатата сезона Охрид и Пелистер се сретнаа петпати и поуспешен беше денешниот домаќин кој славеше трипати. Особено импресивна беше победата во полуфиналето од Купот каде славеше со 26-19. Охрид покрај трите натпревари во Регионалната лига, веќе настапи и во домашниот Суперкуп каде доживеа минимален пораз од шампионот Вардар.

Денешниот натпревар се игра од 19 часот и со него завршува првото коло од новата сезона во Суперлигата. Претходно, од 18:30 се среќаваат Струга и Тиквеш.