Скандалозен напад врз селекторот на Србија: „Јадеш леб од оваа земја, заборави на работа тука!“

Голем скандал ја тресе европската одбојка по полуфиналето на Европското првенство меѓу Турција и Србија. Домаќинот славеше со убедливи 3:0, но резултатот остана во втор план поради случувањата на теренот и жестоките реакции по натпреварот.

Во центарот на вниманието се најде селекторот на Србија, Зоран Терзиќ, кој во текот на мечот жестоко реагираше на судиските одлуки, а по натпреварот даде исклучително искрена оценка за играта на својата екипа. Но, токму неговото однесување за време на натпреварот предизвика жестока реакција од првиот човек на турската одбојка.

Претседателот на Турската одбојкарска федерација, Мехмет Акиф Устундаг, не ги криеше гневот и разочарувањето и испрати исклучително остра порака до Терзиќ.

„Сакам да нагласам една работа. Јадеш леб од оваа земја. Заработуваш пари овде, инвестираш овде. Би направил сè, би ги повлекол сите можни врски и би го искористил секого за да работиш во репрезентацијата и клубовите на оваа земја. Но, денес, поради провокативните потези и предавството што го направи пред навивачите кои некогаш те прифатиле и пред оваа земја, мислам дека отсега повеќе не треба да бараш работа во Турција. Длабоко сме повредени. Ова не смееше да се случи“, порача Устундаг.

Првиот човек на турската одбојка не застана тука. Тој дополнително го обвини Терзиќ дека неговото однесување било неприфатливо.

„Многу сме разочарани. Ваквото однесување не му доликува. Еден месец молчевме, ова е првпат да проговорам. Откако денес го направи ова, според мое мислење, повеќе не треба да работи во Турција“, додаде Устундаг.

Причина за дополнителното зголемување на тензиите беше и ситуацијата во вториот сет, кога Терзиќ жестоко протестираше по една судиска одлука по видео-проверката. Српскиот селектор доби и жолт картон, а во еден момент беше на работ на дополнителна санкција.

Пет години во својата тренерска кариера, од 2018 до 2023, Терзиќ помина во турската одбојка, како предводник на Фенербахче, но без поголем успех. Повеќе од две децени, со мал прекин, е селектор на женската репрезентација на Србија, а во меѓувреме работеше во уште голем број клубови.