Зверев сигурен и кога игра на полноќ, Аргентинец се „врати од мртвите“ против Фриц!
Зверев ја оправда фаворитската улога против Чилеанецот Алехандро Табило, совладувајќи го со максимални 3-0 во сетови (6-2, 7-6, 6-2). Поради маратонскиот женски меч меѓу Ива Јовиќ и Александра Еала кој се играше претходно, Германецот и Чилеанецот излегоа на теренот дури околу 23 часот по локално време. Откако првиот сет го доби рутински со 6-2, Зверев наиде на отпор во вториот сет во кој беа видени по два брејка на двете страни, а мораше да спасува и две сет-топки. Сепак, тој беше посигурен во тај-брејкот добивајќи го со 7-2, по што во третиот сет со два брејка го заклучи натпреварот. Негов следен противник ќе биде Италијанецот Лучијано Дардери.
Голема драма се одвиваше на мечот меѓу Франциско Серундоло и Тејлор Фриц, каде Аргентинецот направи целосен пресврт и славеше со 3-2 во сетови. Американскиот тенисер ги доби првите два сета со 6-3 и 6-4, но 25-тиот играч на АТП листата успеа да се врати во игра и да ги освои следните три сета со 6-3, 6-4 и 6-4, по исцрпувачка борба која траеше речиси четири часа. Серундоло во осминафиналето ќе се соочи со Александар Блокс, кој направи уште едно изненадување во Њујорк. Белгиецот го елиминираше шестиот тенисер во светот, Италијанецот Флавио Коболи (6-7, 6-3, 6-0, 6-3) , откако успеа да се соземе од загубениот прв сет во тај-брејк.
Во женска конкуренција, Русинката Мира Андреева обезбеди пласман во следната рунда совладувајќи ја Чехинката Никола Бартункова со 2-0. Петтата тенисерка во светот го реши прашањето на победникот за еден час и 39 минути со резултат 6-2 и 7-6, а за влез во четвртфиналето ќе игра против Анастасија Потапова.