Хаос во Истанбул: Влаховиќ доби удар од Шкрињар, па му се одмазди со - гол за победа (ВИДЕО)

Фудбалерите на Бешикташ славеа на гостувањето кај Фенербахче (2-1) во големото истанбулско дерби, а херој на гостинскиот тим беше српскиот напаѓач Душан Влаховиќ.

Тој го постигна победничкиот погодок во натпревар кој беше одбележан и со неговиот физички конфликт со дефанзивецот на домашните, Милан Шкрињар. Инцидентот меѓу двете поранешни ѕвезди од италијанската Серија А се случи пред решавачкиот гол. Играчите влегоа во вербална расправија која брзо ескалираше, по што Влаховиќ заврши на тревата. Главниот судија ја смири ситуацијата доделувајќи им жолти картони на двајцата фудбалери.

Токму Шкрињар му донесе водство на Фенер уште во 26. минута, додека 12 минути подоцна гостите брзо израмнија со погодокот на Ридван Јилмаз. Србинот реализираше во 73. минута за целосен пресврт и голема победа на Бешикташ. За Влаховиќ ова претставува прв погодок во големото турско дерби по неговото пристигнување во редовите на турскиот тим. Својата голгетерска форма во новиот клуб тој претходно ја најави со постигнување хет-трик на натпреварот против Чорум.