Ужас во Англија: Фудбалер на Кардиф давеше навивач, му се заканува казна како на Кантона (ВИДЕО)

Натпреварот меѓу Кардиф Сити и Портсмут од англиската Чемпионшип лига беше во прекин неколку минути поради несекојдневен инцидент во кој фудбалерот на Кардиф, Кристијан Биелик, влезе во физичка пресметка со млад навивач на противничката екипа.

Поради овој потег, полскиот интернационалец сега се соочува со можна повеќемесечна суспензија од страна на Англиската фудбалска асоцијација (ФА). Инцидентот се случи во 72. минута од натпреварот, при водство на Портсмут со 2-0. Според видеоснимките и извештаите од стадионот, сè започнало откако младото момче на трибините намерно ја фрлило топката подалеку од Биелик, кој сакал да ја земе за да ја врати во игра. Репрезентативецот на Полска реагирал агресивно и го фатил младиот навивач за врат. Навивачот возвратил туркајќи го фудбалерот и му задал удар со рака. Ова предизвикало револт кај останатите навивачи на Портсмут кои станале да го одбранат момчето, по што главниот судија морал да го прекине натпреварот.

Иако Биелик веќе имаше добиено жолт картон во 9. минута, главниот судија одлучи да не му додели втора јавна опомена (исклучување) за овој инцидент. Прекинот траел околу три минути додека официјалните лица ги смириле страстите. Се очекува ФА детално да го истражи случајот. Доколку биде прогласен за виновен за физички напад врз навивач, Биелик го очекува драстична парична казна и долга суспензија.

Островските медиуми потсетуваат на слични инциденти од минатото кои резултираа со ригорозни казни. Патрис Евра доби седуммесечна суспензија за судир со навивач, додека Ерик Кантона по својот славен „кунг-фу“ удар беше суспендиран дури осум месеци.