Брегалница го отпушти тренерот, а не му го спомна ни името (ФОТО)
По шест одиграни натпревари, штипјани имаат исто толку бодови и се наоѓаат на осмото место на табелата, само пред Скопје и Башкими.
Кузманов беше назначен на само еден ден пред мечот од првото коло против Вардар, но 40-тина дена подоцна, раководството одлучи да го отпушти. Тоа е веќе трета тренерска смена во фудбалското првенство на Македонија оваа сезона откако претходно отпуштен беше и шефот на стручниот штаб на Вардар, Кристијан Фабијани, како и на Башкими, Гајур Реџепи. Од Брегалница информираа дека одлуката е донесена од страна на Управата, без да бидат наведени дополнителни детали за причините за прекинот на соработката.

Она што „боде очи“ во објавата на социјалните мрежи е што клубот не го ни спомна името на Никола Кузманов и покрај тоа што 60-годишниот стручњак во последен момент ја прифати тренерската позиција и ја спаси Брегалница од срам, односно од можност против Вардар на стартот од првенството да излезе без предводник на клупата.